Средба Ковачевски-Дехари: заедничко вложување во инфраструктурен развој на југозападниот регион
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, остварија работна средба во просториите на општина Кичево.
АД Електрани на Северна Македонија е во фаза на обезбедување документација за интензивирање на ископите за јаглен со цел поголемо вклучување на РЕК Осломеј во производниот процес, како и документација за градба на фотоволтаични електрани во кругот на комбинатот, за што покрај државните институции, потребно е вклучување и на институциите на општината.
На средбата стана збор за меѓусебната соработка со оглед на тоа што подружницата на АД Електрани на Северна Македонија, РЕК Осломеј, се наоѓа на територијата на општина Кичево. Генералниот директор Ковачевски истакна дека е потребна соработка и заедничко инвестирање за инфраструктурен развој и поврзување на југозападниот регион, за што АД ЕСМ има интерес поради своите подружници РЕК Битола и РЕК Осломеј.
На состанокот градоначалникот Дехари ги изнесе видувањата на општината и нејзините жители, особено на состојбата околу РЕК Осломеј и можните точки на соработка со АД ЕСМ.